Обединетите нации дадоа неточни информации за рускиот напад на украинската болница во Мариупол, која беше претворена во воен објект, изјави првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН, Дмитриј Пољански.
„Вака доаѓа до лажни вести. На 7 март предупредивме дека радикалите ја претворија таа болница во воен објект. Многу е вознемирувачко што ОН ја шират оваа информација без проверка“, напиша Пољански, пренесува ТАСС.
„Денешниот напад врз болница во Мариупол, Украина, каде што се наоѓаат породилиштата и детските одделенија, е ужасен“, напиша претходно на Твитер генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ја обвини Русија за воздушен напад врз болницата и породилиштето во Мариупол, тврдејќи дека под урнатините има деца.
„Директен напад на руските сили на породилиштето. Луѓето, децата се под урнатини. Злосторство! До кога светот ќе биде соучесник во игнорирањето на теророт? Затворете го небото сега! Престанете да убивате! Имате моќ, но изгледа дека го губите човештвото “, рече Зеленски на Фејсбук со барање земјите на НАТО да создадат зона на забранети летови над Украина.
Зеленски објави и видео на кое се гледаат уништените згради и болничките простории.
Градскиот совет на Мариупол претходно соопшти дека детската болница во тој град е целосно уништена во руските воздушни напади и дека се уште не е познато дали има загинати во нападот.
Градските власти тврдат дека врз болницата биле фрлени неколку бомби и дека штетата е огромна, пренесе британската агенција Ројтерс, наведувајќи дека оваа вест не може да ја потврди од други извори.