Русија лансираше 40 ракети и околу 580 дронови кон Украина во „масовен напад“ во кој загинаа три лица, а десетици беа ранети, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи.
„Секој таков напад не одговара на воена неопходност, туку на намерна руска стратегија за тероризирање на цивилите и уништување на нашата инфраструктура“, напиша Зеленски, повикувајќи ги сојузниците на Киев да достават повеќе системи за воздушна одбрана и да воведат дополнителни санкции кон Москва.
Регионалните власти на Украина објавија рано утрово дека едно лице е убиено, а десетина се ранети во руски напади во регионот Дњепропетровск во централно-источна Украина.
Властите во неколку други украински региони најавија серија руски напади од големи размери во текот на ноќта.