Русија го повика Иран да ги продолжи преговорите во Виена

Сподели со своите пријатели

Русија го повика Иран што е можно поскоро да ги продолжи преговорите за заживување на нуклеарниот договор што Техеран го води индиректно во Виена со САД.

Loading...

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, му рече на својот ирански колега Хосеин Амирабдолахиани дека преговорите за нуклеарниот договор во Виена треба да се рестартираат што е можно поскоро, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Иранската страна го презеде овој сигнал со должна сериозност“, се вели во соопштението на министерството, пренесе Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Во извештајот до земјите – членки на Агенцијата за нуклеарна енергија на Обединетите нации претходно овој месец се наведува дека Иран го забрза збогатувањето ураниум речиси до ниво на оружје.

Ова дополнително ги зголемува тензиите со Западот и двете страни се обидуваат да продолжат да работат на заживување на нуклеарниот договор.

Договорот за иранската нуклеарна програма, официјално наречен Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), беше потпишан во јули 2015 година во Виена од Иран и Групата 5 плус 1, која се состоеше од пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН, Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД) и Германија, како потписници во име на Европската унија.

Целта на договорот беше Техеран да го прекине збогатувањето ураниум, во замена за укинување на санкциите.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од овој договор по сопствена иницијатива во 2018 година.

Loading...