Русија го отфрли предлогот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за прогласување четиридневен хуманитарен прекин на огнот за време на велигденските празници за евакуација на цивилите од Мариупол и испорака на хуманитарна помош во областите зафатени од војна, пишува Укринформ.
– Антонио Гутереш повика на воспоставување велигденско хуманитарно примирје на 21 април со цел да се организираат хуманитарни коридори и да се евакуираат цивилите. Ставот на московскиот фирер беше искажан во Советот за безбедност неколку часа подоцна – објави во средата на Твитер постојаниот претставник на Украина во ОН Сергиј Кислица.
Заменик-претставникот на Русија во ОН, Дмитриј Полјански, ги нарече предлозите за прекин на огнот „псевдо-мирни, лажни и неискрени“, велејќи дека прекинот ќе и даде на Украина „пауза“ за снабдување со оружје.
Како што беше најавено, Гутереш ги повика Русија и Украина да објават четиридневен хуманитарен одмор од четврток до недела, за безбедно поминување на цивилите кои сакаат да ги напуштат воените зони и да достават хуманитарна помош во најзагрозените области.