Русија ги интензивира нападите, додека ЕУ одлучува за Украина

Сподели со своите пријатели

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија ќе ги интензивира нападите врз неговата земја во наредните денови додека Киев чека официјален одговор на барањето за кандидатски статус за членство во Европската унија.

Loading...

Европската комисија минатата недела препорача Украина да добие кандидатски статус како прв чекор на долгиот пат кон членство во ЕУ.

Препораката на Европската комисија ќе ја разгледаат лидерите на 27-те земји-членки во четврток и петок на самитот во Брисел, пренесува Бета.

Но, Зеленски предупреди дека одлуката може да доведе до зголемување на руските напади врз неговата земја.

Во синоќешното обраќање од Киев, Зеленски рече дека тој и неговите советници очекуваат „поголема непријателска активност“ од Москва, но додаде дека неговите сили се подготвени за секој нов напад.

Тој вети дека ќе ги продолжи, како што рече, „историските“ амбиции на Украина за влез во ЕУ.

„Мислам дека на сите им е очигледно дека има малку такви судбоносни одлуки за Украина од 1991 година како што очекуваме сега“, рече Зеленски, наведувајќи ја годината кога Украина прогласи независност од Советскиот Сојуз.

„И јас сум убеден дека само позитивна одлука ги исполнува интересите на цела Европа“, додаде тој.

Loading...

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нема ништо против амбициите на Украина да стане членка на ЕУ, но неговиот портпарол Дмитриј Песков предупреди дека секој чекор кон пристапување ќе бара „зголемено внимание“ од Москва.

Зеленски ги предупреди членките на ЕУ дека и тие би можеле да очекуваат одмазда од Русија во наредните денови.

„Очигледно треба да очекуваме поголема непријателска активност од Русија. И не само против Украина, туку и против другите европски земји“, додаде претседателот на Украина.

Неговото предупредување беше дадено во време кога руските сили ја напаѓаат источна Украина.

Руските сили во регионот се обидуваат да преземат целосна контрола над Донбас.