Русија објави дека нејзините авиокомпании можат да ги обноват чартер летовите кон египетските летувалишта кои се забранети повеќе од пет години.
Сите летови на руски компании кон Египет се забранети откако 224 лица загинаа во експлозија на авион на 31 октомври 2015 година, веднаш по полетувањето од египетското одморалиште Шарм Ел-Шеик на Црвеното Море.
Рускиот претседател Владимир Путин ја укина наредбата за забрана на летови, објавија руските власти.
Руските власти ја прогласија авионската несреќа за терористички напад во 2015 година и оценија дека безбедносните процедури на египетските аеродроми не се задоволителни.
Авиокомпаниите од Русија повторно започнаа да летаат кон Каиро во 2018 година, но забраната за летови до одморалиштата Хургада и Шарм Ел-Шеик остана во сила.
Пред воведувањето на забраната за летови, Русите беа најбројни меѓу странските туристи во Египет.
Околу три милиони Руси ја посетија таа земја во 2014 година.