Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денес ја изрази поддршката на Соединетите Американски Држави до народот на Иран, откако иранските власти го исклучија интернетот за да ги потиснат антивладините протести низ целата земја.
„САД стојат со храбриот народ на Иран“, напиша Рубио во објава на социјалната мрежа X, објави Ројтерс.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изјави дека САД внимателно ја следат ситуацијата со протестите во Иран и дека САД ќе „удрат силно“ ако властите во земјата почнат да убиваат демонстранти.
„Внимателно ја следиме ситуацијата. Јасно ставив до знаење дека ако почнат да убиваат луѓе како што правеа во минатото, ние ќе се вклучиме. Ќе ги удриме многу силно таму каде што боли“, рече Трамп.
Протестите во Иран, кои започнаа на 28 декември, се проширија во атмосфера на политичка тензија, додека во исто време се организирани собири во поддршка на властите како одговор на демонстрациите.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан претходно го призна постоењето на јавно незадоволство, наведувајќи дека владата е одговорна за моменталните економски проблеми и ги повика службениците да не ги обвинуваат надворешните фактори како што се САД за состојбата во земјата.
Активистите објавија видеа од протестите во одредени делови од Техеран, како и во градовите Исфахан, Машхад, Керманшах, Арак и Бабел, каде што демонстрантите извикуваа слогани против владата, со силно присуство на безбедносните сили.
Протестите избувнаа поради зголемувањето на цените и влошувањето на животниот стандард, откако вредноста на националната валута падна на рекордно ниско ниво.
Овие протести претставуваат најголеми демонстрации во Иран од 2022 и 2023 година, кои следеа по смртта на Махса Амини додека беше приведен од полицијата за морал поради наводно кршење на кодексот на облекување, пренесува Танјуг.

