Американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше со генералниот секретар на НАТО Марк Руте за важноста да се стави крај на руската војна против Украина и потребата од мирно решение, соопшти денеска Стејт департментот.
Се наведува дека Рубио и Руте се согласиле дека евроатлантските и индо-пацифичките региони се нераскинливо поврзани и дека е потребна поголема соработка и разбирање меѓу регионите.
Рубио вчера разговараше и со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати и по тој повод двајцата претставници ја потврдија важноста на американско-египетското стратешко партнерство за промовирање на регионалниот мир, безбедност и стабилност, соопшти денеска Стејт департментот, пренесува Танјуг.
Рубио му се заблагодари на Абделати за посредничките напори на Египет во преговорите меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас за ослободување на заложниците и одржување на испораката на хуманитарна помош во Газа, и ја истакна важноста да се бара одговорност од Хамас.
Рубио и Абделати разговараа и за случувањата во Сирија и потребата да се спречи Сирија да се користи како база за тероризам, како и Судан и потребата да се изврши притисок врз завојуваните страни да престанат со непријателствата.
Американскиот државен секретар разговараше и со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар за да ја нагласи силната поддршка на САД за Израел.
Рубио вети дека „неуморно ќе работи на ослободување на сите преостанати заложници држени во Газа“.
Тој разговараше и со министрите за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, Костарика, Арнолд Андре и на Турција, Хакан Фидан.