Рускиот претседател Владимир Путин изрази подготвеност да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски, потврди американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Фокс њуз.
„Самиот факт што Путин вели: „Секако, ќе се сретнам со Зеленски“ е веќе сериозен. Не тврдам дека ќе ја напуштат просторијата како пријатели, ниту дека веднаш ќе потпишат мировен договор. Но, важно е по три и пол години да се отвори директен канал за разговор“, рече Рубио.
Тој потсети дека иницијативата за средбата дошла од американскиот претседател Доналд Трамп, кој предложил двајцата лидери да се сретнат.
Според него, локацијата на средбата сè уште не е утврдена, а доколку разговорите бидат успешни, во следната фаза би можел да се организира трилатерален состанок – со учество на Трамп, Путин и Зеленски.
Вашингтон очекува дека средбата би можела да донесе конкретен напредок во постигнувањето договор за решавање на украинската криза.