Во вториот круг од претседателските избори во Романија победи проевропскиот кандидат Никушор Дан.
Актуелниот градоначалник на Букурешт освои 54 проценти од гласовите, пред десничарскиот националист Ѓорѓе Симион, кој доби поддршка од близу 46 проценти.
Оваа изборна трка беше обележана со најголема излезност во последните 25 години.
Овие избори беа организирани откако претходните избори кон крајот на минатата година беа поништени поради наводи за руско мешање и нерегуларности во финансирањето на кампањата, што предизвика длабока политичка криза.
Изборите во Романија би можеле да означат крај на повеќемесечната политичка криза што кулминираше со хаотична ситуација по поништувањето на изборниот процес на крајот од минатата година, само неколку дена пред вториот круг гласање.
Како што пишува Еуроњуз Србија, исходот од овие избори не значи само политичка стабилизација во Романија, туку и потврда на нејзиниот стратешки курс кон Европската Унија и НАТО.
Тој сигнал беше пречекан со олеснување од лидерите во Брисел и бројни европски престолнини.
Европскиот курс на Романија останува непроменет
Новиот политички пораз на лидерот на националистичката партија, Ѓорѓе Симион, кој навести можен пресврт во надворешната политика на земјата, дополнително го зајакна проевропскиот блок.
Иако Симеон никогаш експлицитно не повикал на напуштање на ЕУ, неговиот политички дискурс и најави – вклучително и можноста за суспендирање на воената помош за Украина – предизвикаа загриженост кај западните сојузници.
Романија, стратешки лоцирана на источното крило на НАТО, во непосредна близина на Украина и Црното Море, игра клучна улога во регионалната безбедност.
Затоа овие избори привлекоа внимание не само во земјата, туку и низ цела Европа и трансатлантската алијанса.
Никушор Дан, градоначалникот на Букурешт и кандидат без јасни претседателски амбиции, се појави како симбол на европската и прозападна ориентација на Романија.
И покрај ограничената популарност на почетокот на кампањата, тој успеа да ги мобилизира гласачите околу пораката за континуитет и стабилност.
Според репортерот на „Еуроњуз Србија“, многу граѓани не гласале нужно за Дан, туку за Романија во Европската Унија и НАТО.
Во симболична смисла, тие гласаа за политичката и безбедносната насока што земјата ја следи од падот на комунистичкиот режим кон крајот на 1980-тите.
Во својот победнички говор, Никушор Дан рече:
„Ова е ваша победа. Победа на илјадници луѓе кои водеа кампања и веруваа дека Романија може да оди во вистинската насока. Никогаш не ја заборавајте силата што ја покажавте – ќе ни биде потребна за предизвиците што претстојат.“
Неговиот противник, Ѓорѓе Симион, го призна поразот и му честиташе на Никушор Дан:
„Би сакал да му честитам на мојот противник. Тој победи на изборите и тоа беше волја на романскиот народ. Им се заблагодарувам на петте милиони Романци кои ми ја дадоа довербата. Нема да ги разочарам.“
Овие избори, покрај решавањето на политичката криза во земјата, дополнително ја зајакнаа стратешката определба на Романија и испратија јасен сигнал до сојузниците дека насоката кон ЕУ и НАТО нема да се промени.