Романските обвинители во четвртокот соопштија дека привеле шест лица под обвинение дека се обиделе да извршат државен удар со помош на Русија, што претставува драматична ескалација на тензиите меѓу Букурешт и Москва.
Осомничените беа приведени во средата, истиот ден кога Романија, членка на НАТО и на Европската Унија, ги прогласи руското воено аташе и неговиот заменик персона нон грата за, како што рече, дејствија спротивни на дипломатските правила.
Москва соопшти дека ќе одговори на потегот.
„Почнувајќи од 2023 година, петмината обвинети, заедно со осомничениот, формираа криминална организација со цел да го нарушат суверенитетот и независноста на романската држава преку политичко поткопување на одбранбените капацитети на земјата“, се вели во соопштението на Главната канцеларија за истрага на организиран криминал и тероризам (DIICOT).
„Исто така, членовите на криминалната група постојано контактирале со агенти на странска сила во Романија и Руската Федерација“, се додава во соопштението на канцеларијата, но не ги наведува имињата на осомничените.
Русија веднаш не го коментираше извештајот.
Обвинителите рекоа дека групата има структура во воен стил, при што еден од членовите бил пензиониран генерал.
Тие рекоа дека групата презела чекори за да преговара со странските сили во врска со потенцијалното повлекување на Романија, која ја дели границата со Украина, од НАТО алијансата.
Целта на групата беше да се постави нова влада и да се урне сегашниот уставен поредок, да се воведе ново знаме, химна и да се смени името на државата, соопштија обвинителите.
„Истовремено, во текот на јануари, двајца обвинети отпатуваа за Москва, каде што остварија контакт со луѓе кои беа подготвени да ги поддржат напорите на организацијата да ја преземе државната власт во Романија.
Политичките тензии се високи во Романија откако Врховниот суд ги поништи претседателските избори во декември поради наводите за руско мешање, што Москва ги негира.
Судот тогаш пресуди дека Русија се вмешала во изборната кампања за да му помогне на кандидатот на екстремната десница Калин Георгеску, кој е проруски и се противи на испраќање воена помош за Украина.
Истрагата објавена во четвртокот нема врска со Георгеску, рекоа извори од обвинителството.