Ројтерс: ОН го намалува буџетот за 20 проценти, планира 6.900 откази

Сподели со своите пријатели

Секретаријатот на Обединетите нации се подготвува да го намали буџетот на организацијата за 3,7 милијарди долари, или за 20 проценти, како и да елиминира речиси 6.900 работни места, според интерен меморандум што го виде Ројтерс.

Loading...

Според агенцијата, во меморандумот, од персоналот се бара детално да наведе каде е можно да се намалат трошоците до 13 јуни, пренесува Танјуг.

Авторот на меморандумот, контролорот на ОН, Чандрамули Раманатан, истакна дека намалувањата се дел од прегледот започнат во март наречен „ОН80“.

„Тоа е амбициозен напор да се обезбеди дека Обединетите нации се способни да го поддржат мултилатерализмот во 21 век, намалувајќи го човечкото страдање и градејќи подобар живот и иднина за сите“, рече тој.

Намалувањата на буџетот ќе стапат на сила на 1 јануари.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека размислува за масовна реконструкција што би ги споила главните оддели и би ги прераспределила ресурсите на агенцијата низ целиот свет.

Соединетите Американски Држави им должат на ОН речиси 1,5 милијарди долари за тековната фискална година.