Американските и украинските преговарачи ја разгледаа можноста Русија и Украина да постигнат мировен договор уште во март, но таквата временска рамка се смета за неверојатна поради длабоките несогласувања околу територијалните прашања, изјавија денеска за Ројтерс три извори запознаени со разговорите.
Според оценките на повеќе извори, најголема пречка за брзо постигнување мир останува прашањето за Донбас.
Во исто време, секој потенцијален мировен договор ќе биде поднесен на референдум пред граѓаните на Украина, кој ќе се одржи истовремено со националните избори, изјавија пет извори кои побараа анонимност поради приватниот карактер на преговорите.
Американскиот преговарачки тим, предводен од специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, им кажал на украинските претставници за време на состаноците во Абу Даби и Мајами дека веруваат дека гласањето треба да се одржи што е можно поскоро, велат изворите.
Според изворите, американските преговарачи посочија дека како што се приближуваат конгресните избори во ноември, Трамп сè повеќе ќе се фокусира на домашната политичка агенда, што би значело помалку време и политички капитал за финализирање на мировниот договор меѓу Москва и Киев.
Два извори наведоа дека американските и украинските власти ја разгледуваат опцијата референдумот и националните избори да се одржат уште во мај, но неколку извори со директен увид во преговорите го оценија таквиот предлог како нереален и тежок за спроведување во сегашните околности.
Украинските власти проценуваат дека поради воените услови и безбедносните предизвици ќе бидат потребни најмалку шест месеци за да се организираат изборите.
„Американската страна инсистира на брзина“, рече еден извор, додавајќи дека гласањето можеби би можело да се организира за пократко време, но дека дури и тогаш тоа ќе бара значителни политички, логистички и безбедносни подготовки.
Организирањето на избори и референдуми исто така ќе бара промени во законодавството, бидејќи таквите прогласи се забранети за време на воената состојба во Украина, објаснува Ројтерс.
Украина инсистира на целосен прекин на огнот за време на изборната кампања за да се осигура безбедноста на гласачите и интегритетот на референдумот, со тврдења дека Русија има историја на кршење на претходно договорените прекини на огнот.
„Позицијата на Киев е дека не може да се постигне политички договор додека САД и нивните партнери не воспостават цврсти безбедносни гаранции за Украина“, рече еден извор запознаен со преговорите.
Украински функционер изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е отворен за идејата за одржување избори во блиска иднина, што, според него, е постојано барање на американската администрација откако Доналд Трамп ја презеде функцијата во јануари 2025 година.
Според проценките на повеќе извори, најголемата пречка за брзо постигнување мир останува прашањето за судбината на источноукраинскиот регион Донбас.
Русија бара целосна контрола на регионот како дел од каков било мировен договор, иако Украина сè уште контролира повеќе од 5.000 квадратни километри од територијата.
Официјални лица во Киев сметаат дека таквото барање е неприфатливо, но изразија подготвеност да разгледаат алтернативни решенија, како што е формирање на демилитаризирана зона или зона на слободна трговија.
Нејасна останува и судбината на нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, која се наоѓа на територијата контролирана од руските сили.
Според изворите, Русија се противи на американскиот предлог, според кој САД ќе го преземат управувањето со централата и ќе дистрибуираат електрична енергија и на Русија и на Украина.
Москва инсистира на контрола на централата, со понуда за снабдување со поевтина струја на Украина, што Киев ја одбива.
Дури и во случај на постигнување политички договор, постои можност украинските гласачи на референдум да отфрлат евентуални територијални отстапки.

