Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска упати апел до новоизбраниот претсдетаел на САД, Џо Бајден „да сврти нова страница“ во односите со Иран.
– Иран и САД можат да одлучат и да најават дека ќе се вратат во состојбата пред 20 јануари 2017 година, кога Доналд Трамп стапи на функцијата во Белата куќа, изјави Рохани на владина седница.
Тој истакна дека политиката на иранската Влада е „почитување на обврските во замена за почитување на обврските, намалување на тензиите во замена за намалување на тензиите, почитување во замена за почитување“.
– Ако постои таква волја помеѓу идните американски лидери, мислам дека ќе биде многу лесно да се решат бројните проблеми. Врејќањето на периодот пред Трамп би можело целосно да го смени текот на работите, посочи Рохани.
Иран и САД ги прекинаа дипломатските односи во 1980 година, но имаше приближување во 2015 година кога во Виена беше потпишан меѓународен договор за иранската нуклеарна програма, за време на претседателскиот мандат на Барак Обама. Но, Трамп во 2018 година ги повлече САД од Договорот во име на „максимален политички притисок“ врз Иран, по што двете држави од јуни 2019 година двапати беа на раб на војна.
Рохани по победата на Бајден на претседателските избори во САД повеќепати испрати знаци на отворање, но иранскиот врховен верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи вчера предупреди дека „не може да им се верува на странците“.
Марина Илиевска