Рогозин се надева дека Караџиќ и Младиќ ќе излезат од Хаг

Сподели со своите пријатели

Директорот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин, им порача на „неговите пријатели“ Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кои беа осудени во Хаг за воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина, дека се надева дека ќе бидат на слобода.

Loading...

Тој на Твитер напиша дека српскиот народ останува верен на традицијата на српско-руското пријателство и на српски рече дека „само единството на Србите спасува“.

„Двајца херои на братскиот српски народ и двајца мои пријатели. Професорот Радован Караџиќ, поранешен претседател на Република Српска во БиХ и генерал Ратко Младиќ, легендарен војсководец, командант на Армијата на Република Српска. Од 1994 до 1996 година често се среќававме. Еден ден ќе ви кажам детално за тоа“, напиша Рогозин на Твитер.

Тој додаде дека многу се надева оти ќе успеат да ги извлечат Караџиќ и Младиќ „од хашките зандани, каде што долги години се обидуваат да ги осудат за туѓи злосторства, инспирирани од САД и нивните помагачи. ”

„Србите во Босна и српскиот народ во целина остануваат верни на традицијата на нашето вековно пријателство. Се надевам дека Црногорците ќе ги соборат предавниците и ќе се вратат во нашето семејство“, напиша Рогозин, завршувајќи го својот твит со реченица напишана на српски јазик.