Ристески: „Училишната кошничка“ донесе заштеда и до 3.000 денари по семејство (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, соопшти дека мерката „училишна кошничка“, која се спроведуваше од 15 август до 15 септември, им овозможи на учениците и студентите полесно да се подготват за новата учебна година, а на родителите значителни заштеди.

„Штотуку заврши училишната кошничка, траеше од 15-ти август до 15-ти септември, одлична можност за сите ученици, пред сѐ за родителите на учениците и студентите, бидејќи студентската година почнува. Мислам дека има одлична можност на сите пунктови каде се набавуваат училишни материјали да ги купат по поевтини цени. Она што пред беше предвидено со одлуката и мерката. Да пофалам, некои книжари имаа и акција на поголеми намалувања од она што беше предвидено со самата мерка“, изјави Ристески.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Лабудовиќ: Центар добива нов лик – вистински почеток на ред, безбедност и паметна мобилност

 

 

Во текот на мерката биле извршени околу 150 контроли од страна на Пазарната инспекција во повеќе од 400 објекти, меѓу кои книжари, маркети и други продажни пунктови.

„Беа увидени мали пропусти некаде, но во глобала мерката се придржуваше. Самите трговци на мерката и ја почитуваа, имаше мали опомени, меѓутоа до крај се испочитува мерката“, нагласи тој.

Според првичните сознанија, како што рече заменик министерот, по ученик е заштедено од 750 до 2000 денари, а просечно семејство со двајца ученици или студенти заштедило околу 3.000 денари.

Конечниот извештај Министерството за економија ќе го достави до Владата во петок.