Ретроспективно-монографска изложба на Ѓорѓи Шијаковиќ во Уметничка Галерија Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Уметничката галерија Куманово вечерва ќе биде отворена ретроспективно монографската изложба на Ѓорѓе Шијаковиќ, на која ќе бидат презентирани четириесет слики, а ќе биде промовирана и книга за неговото творештво од Гоце Божурски.

Loading...

– Отворањето на изложбата ќе биде кусо согласно протоколите. Значајно е што после отворањето делата ќе може да ги види и публиката согласно протоколите. Секако, изложбата ќе биде поставена наредните десетина дена, така што сите заинтересирани ќе можат да ги видат делата, вели Гоце Божурски, историчар на уметност и сликар, советник во НУ Музеј-Куманово

Шијаковиќ е еден од основоположниците на македонската наива и е застапуван на значајни меѓународни изложби како претставник на тогашната југословенска наивна уметност (заедно со Вангел Наумовски, како единствени од РМ), а самостојно излагал во Скопје (1969) и Загреб (1971). После половина век, Музејот од Куманово го (ре)открива овој исклучителен автор со интересна биографија како врвен творец од областа на наивата со национална и интернационална естетска вредност (застапен во World Encyclopedia of Naive Art). Учествувал на значајни меѓународни изложби на наивата во Братислава (1972), Загреб (1970, 1973), Светозарево (денешна Јагодина, 1970, 1975), Хлебине и други.

– Освен што, временски и генерациски е еден од неколкуте основоположници на наивата кај нас, Ѓорѓе Шијаковиќ заслужува целосен респект, а според квалитетот и вонвременски вредности на неговото творештво беше препознаван идентитетот на македонската наивна уметност во тогашниот југословенски и меѓународен контекст, пишува Божурски.

Во раните 70-ти години е сниман документарен филм за него и неговото творештво од страна на францускиот режисер Jean Marie Drot, кој на француската телевизија наишол на огромен интерес кај тамошната публика, а кај нас никогаш не е прикажан. Добитник е и на повеќе меѓународни награди, како Златен кентаур од Италија, златен медал од Академијата за труд од Италија и други. Застапен е во енциклопедија на наивната уметност во светот.

Ѓорѓе Шијаковиќ е роден 1901 година во Цетиње (Црна Гора), по што неговото семејство се сели во Америка каде што завршува образование и се враќа на овие простори 1914 година како вработен во американскиот Црвен крст. Пред Втората Светска Војна работи како сметководител и  преведувач од англиски во рудниците „Трепча“ во Косовска Митровица (Звечан“) и „Злетово“ (Добрево). Бил заробен во Италија, а по ослободувањето работи како шеф на книговодство и преведувач во повеќе трговски претпријатија во Скопје, но и во Државниот секретаријат за стопанство и Извршниот совет на РМ. Почнува да слика по пензионирањето во 1962 година.

Александра Максимовска

Leave a Reply