Репрезентативците на Македонија во бокс деновиве се на подготовки во Куманово, каде што ги темпираат формата и техниката пред настапот на претстојниот „Montenegro Cup“.

Подготовките се одржуваат во спортската сала во градот, каде ги посети и градоначалникот Максим Димитриевски.

Боксерите, кои доаѓаат од Битола, се на седумдневен престој во Куманово, каде интензивно тренираат и ги усовршуваат своите борбени вештини под водство на тренерите Самет Салиевски и Мухамед Алија.

Тие се подготвуваат за учество на „Montenegro Cup“, кој ќе се одржи во Будва, Црна Гора од 15 до 20 март 2026 година, додека големото финале е закажано за 21 март.

Меѓу репрезентативците се и браќата Рустемови, а посебно внимание привлекува Ален Рустемов, кој беше прогласен за најдобар спортист во Македонија за 2025 година.

Тие имаат можност да тренираат во реновираната спортска сала во Куманово, што дополнително придонесува за квалитетни подготовки.

Градоначалникот Димитриевски им посака успех на претстојното натпреварување и истакна дека Општина Куманово ќе продолжи да инвестира во подобрување на условите за спорт, со цел обезбедување квалитетни тренинзи и организирање турнири кои ќе донесат нови медали и признанија за градот.

Никола Ивановски

