Германија и Бугарија денеска забележаа рекорден број новозаразени со коронавирусот од почетокот на пандемијата, а рекорд би можела да има и Австрија кога ќе бидат објавени официјалните податоци, а во Унгарија бројките исто така растат, иако хоспитализирањата не се зголемуваат.
Германија потврди 80.430 инфекции со коронавирус во средата, најмногу во земјата од почетокот на пандемијата бидејќи омикрон продира во население со пониска стапка на вакцинација отколку во некои делови на Европа.
Досега во Германија се заразени вкупно 7.661.811 лица. Уште 384 луѓе починаа во средата, со што вкупниот број на загинати достигна 114.735.
Нешто помалку од 75 отсто од населението примиле барем една доза од вакцината против Ковид-19, покажуваат најновите податоци на Институтот Роберт Кох.
Седумдневната стапка на инциденца, клучна мерка во одлучувањето во борбата против Ковид-19, постојано расте од почетокот на годината. Тоа беше 407,5 случаи на 100.000 жители во средата и 387,9 во вторникот.
Рекорд и во Бугарија
Дневните инфекции со коронавирус во Бугарија достигнаа рекордни 7.062 случаи во средата, главно поради многу заразната варијанта омикрон, покажуваат официјалните податоци.
Новите случаи, кои се во пораст од почетокот на годинава, го урнаа претходниот рекорд од крајот на октомври, кога најмалку вакцинираната членка на Европската унија се бореше со варијантата делта.
Корона вирусот уби 89 лица во изминатите 24 часа во балканската земја, покажуваат официјалните бројки, со што вкупниот број на починати се искачи на 31.761.
Планираните операции во главниот град Софија се откажани бидејќи болниците се подготвуваат да ги прошират одделенијата за пациенти со Ковид.
Здравствените власти најавија дека зголемувањето на хоспитализираните може да значи и воведување нови мерки.
Според постоечките мерки, Бугарите мора да носат маски во затворени простории и во јавниот превоз. Ним им треба потврда за вакцинација, болест или негативен тест за корона вирусот за да пристапат до ресторани, кафулиња, трговски центри и спортски сали.
Австрија, Унгарија…
Во очекување на официјалните податоци, австрискиот весник „Кронен цајтунг“ објави дека земјата во среда ќе има рекорден број новозаразени, 18.427.
Официјалните податоци ќе бидат објавени во текот на денот.
Во Унгарија, дневниот број на инфекции скокна на 7.883 во средата, наспроти 5.270 пред една недела, но бројот на хоспитализирани пациенти се намали во текот на неделата, објави владата.
Владата наведува дека 29 отсто од новите инфекции биле предизвикани од варијантата омикрон, но некои приватни лаборатории пријавиле многу поголеми бројки.
Во Унгарија, земја со 10 милиони жители, 40.083 луѓе починале од Ковид-19.