Најнаселената австралиска држава Нов Јужен Велс, сегашниот епицентар на епидемијата „Ковид -19“, денеска објави рекорден скок на нови инфекции, а октомври се очекува да биде најтешкиот месец во однос на хоспитализација во единиците за интензивна нега.
Државата Нов Јужен Велс пријави рекордни 1.290 нови случаи, поради ширењето на многу заразна делта варијанта на коронавирус, пренесува Ројтерс.
Премиерот на таа австралиска држава, Гладис Береџиклијан, изјави дека државата се подготвува за дополнителни хоспитализации, бидејќи бројот на заразени лица расте.
„Очекуваме дека најлош месец, најлошото време за нашите одделенија за интензивна нега, ќе биде октомври. Ќе мораме поинаку да управуваме со работите бидејќи сме среде пандемија, но ќе се снајдеме”, рече премиерот.
Во болницата има 840 лица поради „ковид-19“ во Нов Јужен Велс, од кои 137 се на интензивна нега, додека 48 се на респиратори.
Државата денеска пријави уште четири смртни случаи, со што вкупниот број на смртни случаи од ковид во Австралија достигна 1.003.
Рекордни 1.375 нови случаи на ковид-19 се пријавени низ Австралија.
Австралија користеше строг систем за карантин за да го намали бројот на инфекции и стапката на смртност од коронавирусот, но делта сојот сега врши голем притисок врз здравствениот систем на земјата.
Според владините податоци, нешто повеќе од 33 проценти од луѓето на возраст над 16 години примиле две дози од вакцината, што е значително помал процент во споредба со другите развиени земји.

