Реконструкцијата на патната делница од Клечовце до Бељаковце, која спаѓа во категорија на државни патишта, е веќе завршена.
Денеска увид на терен извршија градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски.
„Претходно беше извршена реконструкција на патната траса која спаѓа во категорија на државни патишта од Клечовце до Бељаковце, направивме увид, работите се веќе завршени, остануваат уште некои ситни детали,“ изјави Димитриевски.
Тој нагласи дека иницијативата за реконструкцијата произлегла од голем број барања и апели на граѓаните кои живеат во овој дел од Општината, особено поради штетите предизвикани од изградбата на пругата Куманово – Бељаковце и употребата на тешка механизација.
„Ова е еден добар и позитивен проект особено за овој дел на општината кој е, можам да кажам, еден од позапоставените и стопански неразвиени и претежно се занимава со земјоделско производство,“ рече Димитриевски и додаде дека Општина Куманово и државните институции ќе продолжат да инвестираат во неразвиените подрачја.
Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, истакна дека реконструкцијата на овој пат е дел од поширока стратегија за подобрување на патната инфраструктура во Македонија.
„Овој пат е меѓу Бељаковце и Клечовце, тука е и Довезенце и другите села и многу е важно што патот оди накај Кратово, ова е практично регионален пат кој го поврзува Куманово со Кратово,“ изјави Трајановски.
Според него, делницата е во должина од околу шест километри, целосно асфалтирана, а на местата со оштетувања извршена е рехабилитација со тампон и други технички решенија.
„Ме радува, еве гледам дека луѓето се враќаат полека во овие краишта,“ додаде Трајановски, нагласувајќи дека подобрената инфраструктура треба да придонесе за развој на земјоделскиот крај и намалување на миграцијата.
Трајановски посочи дека оваа реконструкција е дел од годишната програма на ЈПДП за 2025 година, која предвидува вкупни инвестиции од околу 30 милиони евра, од кои 300 милиони денари се наменети за реконструкција, рехабилитација и поправка на локални патишта.
За Општина Куманово, предвидени се 85 милиони денари, од кои досега се реализирани 20 милиони на улицата „Никола Тесла“, 30 милиони на делницата Клечовце – Бељаковце, а следна фаза е патот од Пчиња до Вакв.
Според мештаните патот бил изграден во 2001 година, но изминатите неколку години поради изградба на пругата бил доста оштетен. Тие упатија пофалби што истиот повторно е вратен во добра кондиција.
– Многу беше оштетен со дупки и не можеше да се вози. Баравме од Македонски железници повторно да се обнови патот. Со сите и преку Општина Куманово баравме помош и дојдовме до изградба на патот. Благодарност до директорот на ЈПДП Коце Трајановски, нашиот градоначалник Максим Димитриевски и сите други установи ни помогнаа да дојдеме до убав пат кој ги поврзува сите села до Кратово, изјави Драги Додевски, претседател на Месна заедница Довезенце.
Селото Довезенце кое се наоѓа на средина на оваа траса, според кажувањата, моменално има околу педесет домаќинства кои постојано живеат тука, но има над 80 викендици на кои постојано доаѓаа луѓе.
Никола Ивановски