Претставничкиот дом на САД во средата, на 11 февруари, тесно ја поддржа мерката со која се изразува несогласување со тарифите на претседателот Доналд Трамп за Канада, што е редок укор за претседателот и неговото раководство на Републиканската партија во Домот каде што имаат мнозинство.
Со 219 гласа „за“ и 211 „против“, претставниците усвоија резолуција со која се отповикува одлуката на Трамп за воведување казнени трговски мерки за канадски стоки, повикувајќи се на националната вонредна состојба.
Шест републиканци им се придружија на сите освен еден демократ во поддршката на резолуцијата.
Тоа е важно симболично гласање во Домот, каде републиканците имаат тесно мнозинство од 218 спрема 214 места.
Резолуцијата има реални шанси да помине во Сенатот, кој веќе двапати гласаше за блокирање на царините на Трамп за Канада, и покрај тоа што републиканците и таму имаат повеќе места.
Сепак, мерката веројатно нема да стане закон, бидејќи би било потребно двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот за да се надмине очекуваното вето на Трамп.
Повеќето републиканци досега не беа подготвени да се спротивстават на политиката на Трамп.
Еден ден претходно, тројца републиканци им се придружија на демократите за тесно да го поразат обидот на партиското раководство да ги спречи законодавните предизвици на тарифите на Трамп, пишува Ројтерс.
Во последните недели пратениците изразија незадоволство од зголемените трошоци за американските потрошувачи, како и од негативното влијание на царините врз компаниите кои работат во меѓународната трговија.
Пратеникот Грегори Микс од Њујорк, кој ја предложи резолуцијата, рече дека таа има за цел да ги намали трошоците за живот на американските семејства, оспорувајќи ги тврдењата дека постои национална вонредна состојба за дрога на која Трамп се повика за да ги оправда тарифите за Канада.
„Канада не е закана. Канада е наш пријател. Канада е наш сојузник“, рече Микс, највисокиот демократ во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, пред гласањето.
Трамп предупреди дека секој републиканец во Претставничкиот дом или Сенатот кој ќе гласа против тарифите „сериозно ќе ги трпи последиците на изборите“.
Тој, исто така, ја обвини Канада дека ги искористува предностите на САД во трговијата.
„Тие се меѓу најтешките во светот за работа, особено кога станува збор за нашата северна граница“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Одредени членови на Конгресот се спротивставија и на честата употреба на извршните наредби од страна на Трамп за воведување тарифи, особено кон блиските сојузници како што е Канада, посочувајќи дека Уставот на САД му дава право на Конгресот, а не на претседателот да воведе царини.
Според проценката на буџетската лабораторија на Јеил минатиот месец, годишниот трошок за тарифите наметнати од администрацијата на Трамп е околу 1.400 долари по американско домаќинство.
Даночната фондација, независна организација, процени дека трошоците ќе бидат околу 1.000 долари по домаќинство во 2025 година, а оваа година ќе се искачи на 1.300 долари.
Трамп започна трговска војна со Канада веднаш по започнувањето на неговиот втор мандат во јануари 2025 година.
Во февруари 2025 година, тој воведе царини од 25% на канадскиот увоз, а во август потпиша извршна наредба со која ги зголеми царините на 35% за сите производи кои не се опфатени со трговскиот договор САД-Мексико-Канада.
Администрацијата го поврза овој потег со наводниот неуспех на Канада да го спречи шверцот на опасниот наркотик фентанил.
Сепак, и канадската влада и американската Агенција за борба против дрогата (ДЕА) известуваат дека шверцот од Канада сочинува помалку од еден процент од фентанилот пронајден на американските улици.

