Најновото британско истражување покажа дека речиси половина од младите луѓе на возраст меѓу 16 и 21 година би претпочитале да живеат во свет без интернет, објавија денес британските медиуми.
Во исто време, 50 проценти од испитаниците го поддржале ограничувањето на користењето на интернет по 22 часот, а речиси 70 проценти рекле дека се чувствувале полошо по посетата на социјалните мрежи, објави „Гардијан“.
Анкетата покажа дека една четвртина од анкетираните поминуваат четири или повеќе часа дневно на социјалните мрежи, додека 42 проценти рекле дека се согласуваат со своите родители за тоа што прават онлајн.
Анкетата, во која учествувале 1.293 млади луѓе, исто така открила дека 42 проценти од нив лажат за својата возраст додека се онлајн, како и дека 40 проценти имаат лажен профил, а 27 испитаници признале дека се преправаат дека се сосема друга личност додека се на социјалните мрежи.
Според извештајот, 27 проценти од испитаниците изјавиле дека ја споделиле својата локација преку интернет со непознати лица, а 68 проценти рекле дека времето што го поминуваат преку интернет има негативно влијание врз нивното ментално здравје.
Истражувањето доаѓа откако британскиот министер за технологија, Питер Кајл, навести дека владата размислува за ограничување на времето поминато на некои апликации како што се TikTok и Instagram.
Службеникот одговорен за безбедноста на децата на интернет, Рани Говендер, вели дека оваа мерка може да помогне, но дека не може да ги заштити децата од штетна содржина освен ако не се применат други мерки.
Таа додаде дека примарниот фокус на компаниите и владите треба да биде да се осигурат дека децата и младите користат многу побезбедни и помалку зависни страници.