Околу 97 деца загинаа, а повеќе од 100 се повредени за време на руската инвазија на Украина, соопшти канцеларијата на главниот украински обвинител.
„Како резултат на вооружената агресија на Руската Федерација, според податоците од утрото на 15 март, загинале околу 97 деца, а повеќе од 100 се повредени.
Повеќето од жртвите се од регионите на Киев, Харков, Доњецк, Чернихив, Суми, Херсон, Николаев и Житомир. Најмалку пет деца умираат под гранати секој ден“, се вели во соопштението на канцеларијата објавено на официјалниот канал на Телеграм.
Се наведува дека во бомбардирањето и гранатирањето биле оштетени повеќе од 400 образовни институции, а 59 се целосно уништени.
Според соопштението, најголема штета е нанесена во регионот на Доњецк, каде се погодени 119 згради, а 50 се погодени во Харков.
„Околу 11 здравствени установи, три центри за рехабилитација, вклучително и оние за деца со посебни потреби, беа погодени со гранати“, соопшти канцеларијата.
Се додава дека овие бројки не се конечни, со оглед на неможноста да се истражи местото каде се случило гранатирањето, и каде „земјата агресор врши непријателски активности на привремено окупираните територии“.
Според АП, илјадници војници и цивили загинале од почетокот на војната во Украина, на 24 февруари.
Повеќе од 2,8 милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, пренесува RSE.