Откако вчера на прес конференција ВМРО-ДПМНЕ го обвини градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски за вмешаност во изградба на нова петкатница во градот, потоа следуваше негова реакција во која негираше било каква одговорност, па денес на неговата реакција пристигна реакција повторно од ВМРО-ДПМНЕ.
Куманово веќе со децении е во длабока економска, културна ,а пред се егзистенцијална криза.
За општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ нема дилема дека најголем виновник за таквата состојба е коруптивно-криминалната група, која со децении самоволно и без никаква контрола владее со градот.
И покрај сите напори да се воспостави некаква нормална , законска и човечка основа по која би се водела локалната власт,соочени сме со неуспехот што не прогонува секој ден ,посебно преку призорот на уништеното централно јадро на градот, жртва на разузданите профитерски нагони на градоначалникот и една мала група на лукративци чиј главен и единствен интерес се парите.
Зоран Дамјановски е градоначалник веќе 12 години, и има најголема одговорност за проблемите во градот, но сепак тој продолжува, сега уште повеќе,охрабрен од актуелните политички случувања,со несфатлив цинизам и ароганција да се оградува од очигледните злоупотреби и присвојувања на скапоцениот јавен простор.
Зборува за секторот за урбaнизам, како да е некоја далечна фиктивна творба, со која нема никаква релација ,а всушност претставува негов најблизок соработник,ортак од најголема доверба, доживеан од граѓаните како урбанистичко чудовиште кое руши се што ќе му застане на патот.
Ваквите анти-кумановски интервенции на оваа урбанистичка тајфа, предизвикуваат непоправлива штета за градот.
Преку бескруполозното минирање на иднината и опстанокот на градот локалната власт предводена од СДС, свесно работи против граѓаните на Куманово, кои се повеќе се соочуваат со одлуката да го напуштат градот.
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и во иднина уште посилно и порешително да се бори против сите криминални и дезинтегративни фактори во градот,кои од денеска веќе немаат никакво оправдување за својата деструктивност – стои во реакцијата на ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово.

