Бројот на загинати во Виетнам се зголеми на седум, најмалку 34 се повредени во поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од обилните дождови, а едно лице загина во Тајланд, објавија денес властите на двете земји.
На север и во централниот дел од Виетнам, седум лица загинаа, 34 се повредени, а едно лице се води како исчезнато поради поплавите, објавија локалните медиуми.
Во Тајланд, едно лице загина, а едно лице се води како исчезнато во лизгање на земјиштето во градот Чианг Маи на север од земјата.
Службата за спречување и ублажување на катастрофи на Тајланд објави дека голем број куќи се погодени од бурата, а државната метеоролошка служба предупреди за обилни дождови на север од земјата.
Дождот е последица на тропската бура Каџики, која во понеделник ги погоди централните делови на Виетнам, кои беа итно евакуирани.