Голем број основци и средношколци ќе седнат во училишните клупи и ќе го означат почетокот на новата учебна година.
Иако поразлична од минатата и од другите учебни години, новитет е враќањето на учениците во училишните клупи откако минатата година поголемиот број ученици наставата ја следеа онлајн поради мерките за заштита од кронавирусот.
ООУ „Кочо Рацин“ од Куманово им посака добредојде на првачињата кои со нетрпение го очекуваа доаѓањето на првиот училишен час.
– ООУ „ Кочо Рацин“ како и секоја година, но во поинакви услови и времиња сепак е подготвено за успешно да ја стартува учебната 2021\22 година. Опремени сме комплетно со сите дезинфекциски средства за хигиена и почитувајќи ги сите протоколи кои Владата ни ги налага како превенција од коронавирусот, изјави директорката на училиштето Лидија Пешевска.
Годинава во ООУ „Кочо Рацин“ се запишани 139 првачиња поделени во 5 паралелки.
– Часовите годинава ќе траат 40 минути за разлика од минатата година кога беа 30 минути но со присуство на ученици од прво до трето одделение. Годинава ќе се одвива со физичко присуство на сите ученици со држење дистанца, носење маски, мерење на температура и дезинфекција. Доколку епидемиолошката состојба во градот се влоши имаме две алтернативи со комбинирана настава, односно половина одделение оди на училиште, а останатиот дел онлајн и обратно, или настава која налага присуство на ученици од прво до четврто одделение со физичко присуство, а останатите ќе ја следат наставата онлајн, нагласи директорката Пешевска.
Ученикот ќе може да не посетува настава со физичко присуство од оправдани причини, со медицинска потврда или доколку некој од семејството е заболен од вирусот, но и од немедицинска причина ќе може да присуствува онлајн настава со барање и изјава од родител со објаснување на причината, а наставничкиот колегиум ќе одлучи за понатамошните одвивања.
– Секојдневно ќе ја следиме здравствената состојба на учениците, доколку некој од учениците има симптоми или не се чувствува добро ние веднаш ќе алармираме, го повикуваме родителот, го ставаме ученикот во соба за изолација, доколку се испостави дека детето има коронавирус ние понатаму мора да го известиме Центарот за јавно здравје, а тие понатаму ќе постапат според нивните ингеренции, рече директорката Лидија Пешевска.
На сите ученици им посакуваме добра и успешна учебна година.
Текст/фото: М.Ф.