Десетици илјади Палестинци денеска почнаа да се враќаат во северниот дел на Појасот Газа, откако беа принудно раселени на југ 15 месеци поради израелската војна во енклавата.
Повеќето од нив пеш се упатија кон север преку коридорот Нецарим, откако добија дозвола од израелската армија, јавува Си-Ен-Ен.
Видео снимката доставена до Си-Ен-Ен покажува голем конвој од луѓе кои се движат пеш кон северниот дел на Газа рано утринава, носејќи багаж и деца.
Многу раселени Палестинци седеа со денови на улиците или на плажата со предмети и резервоари за вода, чекајќи да се отвори контролен пункт според условите на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас.
„Ни недостига нашиот дом. Живееме во шатори веќе 470 дена“, рече Фади Ал Синвар од градот Газа.
Враќањето беше одложено за 48 часа откако Израел го обвини Хамас дека ги прекршил условите од договорот за прекин на огнот со тоа што не го ослободил заложникот Арбел Јехуд, одложувајќи го отворањето на коридорот Нецарим што ја дели енклавата.
Претходно денеска Хамас потврди дека оваа недела ќе ослободи вкупно шест израелски заложници, вклучувајќи го и Јехуд.
Високиот функционер на Хамас Басем Наим го поздрави враќањето на Палестинците на север, нарекувајќи го денешниот „симболичен ден“.
„Ова е, мислам, многу симболичен ден. Ова е многу важен ден кога станува збор за пристап кон овој конфликт со Израелците и каков јазик тие го разбираат“, изјави тој за Ал Џезира.