Рама: ЕУ наместо визија се води од инертноста на настаните

Сподели со своите пријатели

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во средата оцени дека фактот што Босна и Херцеговина сè уште не добила статус на кандидат за членство во Европската унија покажува дека „наместо визија, ЕУ се води од инертноста на настаните“, пренесува агенцијата Бета.

Loading...

Рама во интервју за „Нови магазин“ рече дека целосно ја поддржува одлуката на ЕУ за доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија и дека не разбира зошто таква одлука не е донесена во случајот со Босна и Херцеговина.

„Се надеваме дека нема да биде потребна уште една војна за Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус“, рече шефот на албанската влада.

Тој додаде дека би сакал ЕУ да ја следи визијата на нејзините основачи кон „целосна имплементација“ на европскиот проект, кој вклучува и „целосна интеграција на Западен Балкан“.

Србија ќе мора да го признае Косово

Рама оцени дека најсериозен проблем на Србија подолг период е што не го признала Косово како независна држава и смета дека тоа ќе мора да го направи за својата иднина.

„Во одреден момент Србија ќе мора да го признае Косово и да се ослободи од товарот што не би требало предолго да ја поткопува светлата иднина на вашата земја. Ги разбирам тешкотиите во решавањето на толку горливо прашање, но Косово засекогаш го нема“, рече тој.

Тој оцени дека во дијалогот меѓу Белград и Приштина има „многу неволност“ од двете страни и дека помирувањето е невозможно без „болен и трпелив процес на дијалог“.

Рама смета дека одбивањето на Србија да се приклучи кон санкциите на ЕУ против Русија поради нападот врз Украина „нема да биде добро“ и додаде дека тоа не значи дека Србија ја поддржува руската агресија, бидејќи „три пати по ред се приклучуваше во редовите на демократскиот свет со гласање против Русија во нациите на Обединетите нации“.

Loading...