Ракометарките на Куманово во петок со почеток во 20:00 часот го играат дерби натпреварот од 10. коло против составот на Вардар.
Двата тима моментално со 22 бода ја делат втората позиција во табелата и овој натпревар ќе биде борба помеѓу титаните. Првото место и натаму му припаѓа на Метарлуг, кој им бега само со два бода.
Тренерот Зоран Јосимовски очекува добра игра и победа.
– Тоа ќе не зацврсти на втората позиција и ќе не одвои од третопласираната екипа која моментално има исти бодови со нас екипата на Вардар. Играчите се подготвени, го чекаме натпеварот, веруваме во победа и веруваме дека ќе прославиме уште нови три бода, изјави Јосимовски.
Подготовките течат беспрекорно, а победа очекуваат и ракометарките кои изминатите денови тренираа со полн капацитет, заедно со двете нови засилувања Ана Шарнаовиќ и Васка Глигоријадис.
– Добро се подготвивме. Сметам дека сме многу поквалитетна екипа и мислам дека тоа ќе го покажеме во петок на терен и очекувам овој дерби натпревар да помине со наша победа, изјави капитенот на тимот Викторија Пеовска.
– Во петок со Вардар треба да ја поправиме грешката од првото коло што ја направивме, со нерешен резултат. Овој пат очекуваме победа, има добра атмосфера во екипата. Имаме две нови ракометарки, супер се вклопивме, тренираме напорно и се надевам дека ќе се претставиме во добро светло во петок, изјави репрезентатвиката Александра Боризовска.
Кумановки токму против составот на Вардар ја оптворија оваа сезона, кога двата тима добија ист број бодови, откако мечот заврши со нерешен резултат.
Од управата ги повикуваат сите љубители на ракометот во спортската сала на СОУ „Перо Наков“ да им дадат поддршка на кумановки за овој важен меч.