Русија веќе заработи двојно повеќе од замрзнатата сума во нејзините златни и девизни резерви, изјави рускиот претседател Владимир Путин на пленарната седница на Источниот економски форум во Владивосток.
„Знам дека нашите златни и девизни резерви се замрзнати. Веќе заработивме двојно повеќе. Но, не станува збор ни за тие 300 милијарди, туку за поткопаната доверба во оние што го направија тоа“, истакна рускиот лидер.
Тој оцени и дека е неопходно да се поддржи побарувачката на домашни производи и услуги.
„Главната задача е да ги направиме нашите брендови попрепознатливи. Неопходно е да се поддржи побарувачката за домашни производи и услуги. На пример, преку изложби, саеми и така натаму. Несомнено, ќе го продолжиме овој процес“, рече Путин.
Дополнително, рускиот претседател најави дека наскоро ќе започне и набавка на автомобили од домашно производство за руските функционери.
„Нашите автомобили можеби имаат поскромен изглед од Ауди, Мерцедес, но треба да ја погледнеме Индија, каде што се потпираат на домашни возила“, рече Путин.
Рускиот лидер претходно изјави дека сите руски функционери треба да се префрлат на користење на домашни автомобили, што ќе овозможи да се подобри квалитетот на руските производи.
VIII Источен економски форум се одржува од 10-13 Септември 2023 година во Владивосток, на територијата на кампусот на Далечниот Источен Федерален универзитет (DVFU).
РИА Новости е генерален медиумски партнер на форумот, пренесува Спутник.