Денес, на пленарната сесија на Источниот економски форум, претседателот на Русија, Владимир Путин, ги отфрли тврдењата дека руската економија е во фаза на стагнација и изјави дека економијата таму е во процес на стабилизација.
Одговарајќи на изјавата на претседателот на Сбербанк, Герман Греф, кој вчера оцени дека руската економија влегла во техничка стагнација, Путин рече дека всушност се спроведува контролирано забавување на растот – „меко слетување“.
Според него, во претходните две години, рускиот БДП растел со годишна стапка од повеќе од четири проценти, а сега има свесен потег кон „ладење“ на економијата, пренесува Интерфакс.
Претседателот на Руската Федерација ги отфрли тврдењата за „замрзнување“ на кредитирањето и изјави дека банките сè уште активно ја финансираат економијата, иако со намалено темпо.
Путин потсети дека централната банка на Русија одржува висока референтна каматна стапка токму со цел да се ограничи инфлацијата и истакна дека меѓународната финансиска заедница високо ја цени работата на рускиот регулатор.
Тој призна дека има тешкотии во одредени сектори, но изрази увереност дека Русија ќе успее да најде рамнотежа помеѓу економскиот раст и ниската инфлација.