Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со премиерот на Индија Нарендра Моди, кому му пренесе дека Москва се обидува да организира итна евакуација на индиските студенти од Харков преку хуманитарниот коридор за Русија.
Според соопштението на Кремљ, индиските студенти се практично заложници на украинските сили, „кои украинските сили ги користат како жив штит и на секој начин го попречуваат нивното заминување во Русија“.
„Одговорноста во оваа ситуација е на властите во Киев“, се вели во соопштението на Кремљ.
Ова е нивен втор телефонски разговор во последните две недели на тема Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин разговараше и со израелскиот премиер Нафтали Бенет, кому му ја презентираше позицијата на Русија во однос на процесот на регулирање на конфликтот во Украина, вклучително и демилитаризацијата и денацификацијата на Украина, соопшти Кремљ.
Владимир Путин го истакна принципиелниот став на Русија за решавање на конфликтот, вклучително и безусловно разгледување на безбедносните интереси на Русија, демилитаризација и денацификација на украинската држава, обезбедување на нејзиниот неутрален и ненуклеарен статус и признавање на суверенитетот на Русија над Крим и независноста на ДНР и ЛНР “, се наведува во соопштението.
Путин и Бенет разговарале на иницијатива на израелската страна.