Русија имаше право да ги признае републиките во Донбас според Повелбата на Обединетите нации, изјави рускиот претседател Владимир Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург во петокот и повторно го посочи едностраното прогласување на независноста на Косово како пример за преседан.
„Кога Косово прогласи независност, Меѓународниот суд на правдата, под притисок на западните земји, пресуди дека според Повелбата на ОН, кога една земја ќе прогласи независност, нема потреба да се бара дозвола од централната влада“, рече Путин.
„Тоа значи дека републиките во Донбас не мораа да бараат дозвола од Киев“ – вели тој.
Потврдувајќи дека Народната република Луганск и Доњецк ја прогласиле својата независност, Путин посочи дека Русија има право да ги признае.
„Дали имавме право да ги признаеме? Секако дека да“, нагласи претседателот на Русија.
Тој изрази став дека западните земји започнале војни од големи размери.
Покрај Либија, која „не може да си ја врати државноста“, Ирак е „практично уништен“, а војната во Авганистан траеше „децении“, за на крајот „неславно да си заминат“.
„Но, работата е во тоа што таквите ситуации се развиваа како што сакаа, а не како што треба. Во многу случаи, да речеме во Југославија – земјата беше растурена. Откако нашата земја престана да постои, се појавија нови земји и нови интереси. Таму имаше многу внатрешни противречности и тие ги охрабруваа. Потоа почнаа да го оттргнуваат Косово од Србија. Исто така не е јасно зошто“, рече Путин.