Рускиот претседател Владимир Путин го доби Орденот Ким Ил Сунг, највисокиот орден на Северна Кореја, за време на неговата посета на Пјонгјанг за, како што е наведено, „огромните заслуги во развојот на добрососедските и братските односи“ меѓу двете земји, објави денеска севернокорејското радио „Гласот на Кореја“.
Орденот му бил врачен на Путин во средата, а радиото забележало дека рускиот претседател е почестен за развојот на односите меѓу двете земји до стратешко партнерство и за, како што се наведува, „нераскинливите сојузнички односи и за отворањето нов страница на корејско-руското пријателство“, објави РИА Новости.
Орденот на Ким Ил Сунг е формиран во 1972 година по повод шеесеттиот роденден на тогашниот претседател на Северна Кореја, на предлог на неговиот син Ким Јонг Ил.
Тој орден се доделува и на институции и организации, особено образовни институции, медиуми и индустриски претпријатија.
Путин и Ким разменија подароци, а севернокорејскиот лидер доби нова лимузина Аурус и сервис за чај, додека Путин доби неколку уметнички дела, вклучувајќи слики и бисти, објави руската новинска агенција ТАСС.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун му подари на Путин пар севернокорејски кучиња пунгсан.
Расата ловечки кучиња пунгсан се одгледувала во Северна Кореја, потекнува од волци и е речиси непозната надвор од земјата.
Расата го добила името по планините во северната област Пунгсан, каде што се одгледувала.
Во средата Путин пристигна во официјална посета на Виетнам, по посетата на Северна Кореја, при што го потпиша Договорот за стратешко партнерство со лидерот на таа земја Ким Џонг Ун.