Нестабилноста во светот расте и се појавуваат нови жаришта на тензии, рече рускиот претседател Владимир Путин, истакнувајќи дека тоа во голема мера е поврзано со желбата на САД да ја задржат доминацијата, а да го игнорираат суверенитетот на другите.
„Зголемената нестабилност во светот е придружена со обиди на САД и на голем број западни земји да имаат корист од кризите што тие ги испровоцираа“, рече Путин во видео пораката поздравувајќи ги учесниците на 11-тиот меѓународен состанок на безбедносните службеници.
Според него, енергетската и прехранбената криза во светот ја предизвикале САД и западните земји.
„Русија е подготвена за блиска соработка со сите заинтересирани земји за да се соочи со заедничките предизвици на човештвото“, рече рускиот претседател и додаде дека Русија ќе ги зајакне врските со земјите од Азија, Африка и Латинска Америка.
„Русија има многу сојузници и партнери во различни региони и континенти и ќе продолжи да го зајакнува тоа пријателство“, рече Путин.
Како што истакна, тој е убеден дека Русија и нејзините сојузници ќе успеат да создадат поправеден свет.
„Дискриминаторскиот модел на развој неповратно оди во минатото“, рече рускиот претседател.
Тој привлече внимание на фактот дека одредени земји и здруженија се стремат да ја задржат својата доминација во светот, целосно игнорирајќи ги интересите и суверенитетот на другите, пренесува Спутник.
„Сето ова е проследено со зголемување на воениот потенцијал, бесрамно мешање во внатрешните работи на други земји, како и обиди да се извлечат унилатерални предности од енергетската и прехранбената криза предизвикана од бројни западни земји“, рече рускиот лидер.