Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека настаните во Казахстан не се прв ниту последен обид за надворешно мешање во внатрешните работи на државите и дека за време на немирите биле користени „Мајдан технологии“, вклучително и информативна поддршка.
На вонредната седница на Советот за колективна безбедност на ОДКБ, одржана во форма на видео конференција, Путин рече дека биле користени „добро организирани групи милитанти“, кои тој ги опиша како „очигледно обучени во терористички кампови во странство“.
Акт на агресија
– Нивниот напад врз Казахстан во суштина беше акт на агресија и на тоа беше неопходно да се реагира без одлагање – истакна Путин, пренесува руската агенција РИА Новости.
Тој додаде дека е јасно оти немирите во Казахстан не се спонтана акција поради повисоките цени на горивото.
– Заканата за државноста на Казахстан не се спонтани протести поради цената на горивото, туку фактот дека деструктивните внатрешни и надворешни сили ја искористија ситуацијата – рече Путин.
Силите на ОДКБ ќе бидат во Казахстан
Тој посочи дека настаните во Казахстан не се прв ниту последен обид за надворешно мешање во внатрешните работи на државите од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), но дека мерките што ги презема таа организација покажуваат дека нема да дозволи дестабилизација на ситуацијата во земјите членки.
Путин додаде дека силите на ОДКБ ќе бидат во Казахстан додека претседателот на таа земја смета дека има потреба од тоа и дека по завршувањето на задачите контингентот ќе биде повлечен од земјата.
Шефот на руската држава посочи дека ОДКБ го покажа својот потенцијал и способност за брзо дејствување, пренесува Ал Џезира.