Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска изјави дека не сака Русија да се врати во Групата осум најразвиени земји во светот (Г8).
– Нема да навлегувам во детали, но во минатото во основа престанав да одам на овие состаноци, изјави Путин во интервју за телевизискиот канал „Индија тудеј“, пренесува Интерфакс.
Тој изјави дека моменталниот удел на земјите од Г7 во глобалната економија опаѓа, наведувајќи ја рецесијата во Германија.
Путин објасни и дека Г7 останува важна преговарачка платформа.
Во јуни, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави дека го смета исклучувањето на Русија од Г8 за грешка.
Тој рече дека во сегашниот Г7 „толку се зборува за Русија, а таа повеќе не е на маса, што го отежнува животот многу“.
Русија беше исфрлена од Групата осум најразвиени земји во светот по „анексијата“ на Крим во 2014 година, па овој неформален собир на светските лидери продолжи да функционира како Г7.
Во интервјуто рускиот претседател нагласи дека Г7 останува важна платформа, каде учесниците работат на различни прашања, разговараат за нив и донесуваат одлуки и посака се најдобро.
– Сепак, ова е важна платформа. Тие работат таму, решаваат работи, разговараат за работи. И Господ да ги благослови, тоа е добро, изјави Путин во интервју за „Индија тудеј“.
Путин е во посета на Индија на 4 и 5 декември на покана на премиерот Нарендра Моди, а пред неговото пристигнување рускиот лидер даде интервју за индиски новинари.

