Рускиот претседател Владимир Путин ќе донесе одлука за форматот на учество на претстојниот самит на Групата 20 најразвиени економии во Индонезија, како што се приближува настанот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Како што се приближува самитот, претседателот ќе донесе одлука за најдобриот формат за учество на настанот“, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање дали е донесена одлука за учество на Путин на самитот на Г-20 во ноември, јави Танјуг.
Песков додаде дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска има важни состаноци во Индонезија, каде утре ќе започне средбата на шефовите на дипломатиите на 19-те најразвиени земји во светот, заедно со Европската унија.
„Русија продолжува да учествува во активностите на Г-20 како држава“, заклучи портпаролот на Кремљ.