Претседателите на Русија и Кина Владимир Путин и Си Џинпинг ќе се сретнат во октомври во Пекинг, кога ќе имаат детални билатерални разговори во рамките на учеството на меѓународниот форум „Појас и пат“, изјави денеска секретарот на Советот за безбедност на Русија Николај Патрушев.
На средбата со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Москва, Патрушев рече дека Русија и Кина имаат еднакви или блиски ставови за фундаменталните прашања на современиот светски поредок и клучните меѓународни проблеми.
„Зборуваме и за основниот принцип на еднаква и неделива безбедност“, рече Патрушев и посочи дека Москва го поддржува Пекинг за прашањата на Тајван, Ксинџијанг, Тибет и Хонг Конг.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатата недела изјави дека е можно Путин да се сретне со Си пред крајот на годината.
Лидерите на Русија и Кина последен пат се сретнаа во Москва во март. Тоа беше прва посета на Си во странство откако беше реизбран за претседател.