Претседателот на Русија, Владимир Путин, го одликуваше американскиот актер Стивен Сигал, поранешна холивудска ѕвезда, која во последните години стана активен бранител на рускиот претседател, а од неодамна и на руската инвазија на Украина.
Како што јави Бета, Путин на 27 февруари потпишал указ со кој на актерот му се доделува „Орден за пријателство“ за „голем придонес во развојот на меѓународната културна и хуманитарна соработка“, се вели во документот објавен на официјалната правна веб-страница на Руската Федерација.
Специјалистот за аикидо Стивен Сигал (70) беше една од ѕвездите на американските акциони филмови во 1980-тите и 1990-тите.
Како што опаѓаше неговата кариера, актерот роден во Мичиген постепено се зближуваше со авторитарните лидери, вклучувајќи го и шефот на Кремљ.
Во 2016 година, Сигал доби руски пасош од Владимир Путин, додека ја задржа својата американска националност.
Оттогаш, актерот живее во Русија, каде што се приклучи на националистичка партија во 2021 година.