Пуштена е во употреба првата катна гаража во Куманово, која е од монтажно-демонтажен карактер, лоцирана пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и има капацитет за околу 80 возила. Истата чини окоу 270.000 евра.
Градоначалникот Максим Димитриевски и претставници од локалната власт денеска го пуштија објектот во употреба, кој ќе треба да го растерети проблемот со паркинг места во центарот на градот.

Конструктор е фирмата „ЈПТ Ариј Том“, а изведувач „Геоник“ од Делчево.
– Имаме намера да реализираме уште вакви проекти во општината, се со цел да го намали сообраќајниот метеж, кој всушност е еден од главните проблеми во нашиот град. Покрај овој проект веќе сте информирани дека општина Куманово инвестираше и поставување на повеќе од 2.500 пластични столбчиња за обележување на јавните сообраќајни површини, во овој случај на пешачката и велосипедската патека на „Октомвриска револуција“ и во тој тренд ќе продолжиме со вакви инвестиции и на булеварот „3-та МУБ“ и на една од главните улици, „11-ти Октомври“. Имаме цел да ги зголемиме капацитетите за паркирање но воедно и да ги вратиме тротоарите и велосипедските патеки на оние на кои им припаѓаат, а тоа се пешаците и велосипедистите, изјави Димитриевски.

Како што посочи градоначалникот Димитриевски, целта е навремено да се зголемат паркинг капацитетите во градот пред да се пристапи кон трајно решавање на локалитетот „Чоробенско ќоше“
– Истото треба да се постапи согласно деталниот урбанистички план, да се сруши, да се изгради подземен капацитет за паркирање со трајни решенија за паркирање и воедно да пристапиме кон реализација на проектот за општинската зграда. Имаме намера во рамки на финансиските можности да инвестираме во уште еден ваков капацитет од монтажен тип на локацијата Серава и секако доколку најдеме и други локации во градот, додаде Димитриевски.

Засега паркинг услугите на оваа локација ќе бидат бесплатни, се додека не биде донесена одлука на Советот на Општина Куманово, надлежноста да се додели на ЈП „Куманово паркинг“. Цените ќе бидат исти како и за останатите паркинг зони во градот.
– После пуштање во употреба на оваа мотажна катна гаража ние како јавно претпријатие заедно со градоначланикот веќе сме во развојна фаза на проектите, после оваа гаража за неколку денови ќе го пуштиме и паркингот кој се наоѓа зад хотел Куманово и продолжуваме и понатаму веќе ги правиме проектите за паркинг места и зоната Б и Ц оваа година ќе ја завршиме, изјави Фадиљ Шабани, директор на ЈП „Куманово паркинг“.

Инаку, во рамките на монтажната гаража ќе се најде и градски тоалет, кој ќе биде подарок од страна на изведувачот на градежните работи. Истиот засега се уште се уредува, по што ќе биде ставен во бесплатна употреба за граѓаните.



