Соочен со закани за апсење по меѓународна потерница издадена од Шпанија, поранешниот претседател на Каталонија, Карлес Пуџдемон ја напушти Финска и отпатува за Белгија, јавува „Ројтерс“.
Пуџдемон Финска ја напуштил во петок, откако Мадрид издаде меѓународен налог за негово приведување. Тргнал во Белгија каде планира да соработува со тамошните власти во врска со шпанското барање за екстрадиција, изјавил финскиот пратеник Мико Керне, кој бил домаќин на Пуџдемон за време на неговиот дводневен престој во Финска.
Финската полиција претходно соопшти дека го примила барањето за приведување и дека ќе започне нормална екстрадициска постапка откако ќе го лоцира Пуџдемон, за кого тогаш се верувало дека се наоѓа во Финска.
Во интервју за каталонското радио, адвокатот на поранешниот каталонски лидер Жауме Алонсо Куевиљас изјавил дека неговиот клиент ќе се предаде на финската полиција.
Доколку Пуџдемон беше приведен во Финска би се започнал процес за негово екстрадирање во Шпанија.
Финските власти соопштиле дека не знаеле каде се наоѓа Пуџдемон во моментот кога го добиле барањето за негово апсење.
Во Шпанија му се закануваат и до 25 години затвор за побуна и потикнување побуна за време на минатогодишниот референдум за независност на Каталонија.
Претседателот на каталонскиот парламент Рожер Торент во меѓувреме го откажа гласањето на нов претседател на Каталонија.
Торент таква одлука донесе поради тоа што Жорди Турул, чие присуство е задолжително е еден од кандидатите за претседател на Каталонија, но не можел да присуствува на седницата бидејќи се наоѓа во предистражен притвор, а каталонскиот парламент има рок од два месеци да избере претседател и да формира регионална влада. Доколку рокот не биде испочитуван ќе се одржат нови избори.
Премиерот на Шпанија Маријано Рахој во петок рекол дека се противи за одржување на уште едни регионални избори во Каталонија.