Помина нешто повеќе од една година од формирањето на Планинарски спортски клуб „Поларис“, најновиот и најмладиот клуб во Куманово.
Поради нивната активност и поради веќе добро препознатливо име, разговаравме со двајцата основачи на клубот, претседателот Бобан Стефановски и неговата сестра Драгана Стефановска.
КМ: Помина една година откако го формиравте ПСК „Поларис“. Како помина годината, какви се вашите впечатоци после овој период?
-Бобан: Да, помина точно една година откако со сестра ми го формиравме ПСК „Поларис“. Иако го формиравме во октомври 2023, за неполни три месеци имавме завидни резултати како нов планинарски клуб во нашиот град и во Македонија. Меѓутоа, кога станува збор за 2024 година, барем досега, заклучно со третиот викенд во ноември, постигнавме предобри резултати за кои тврдам дека досега ниту еден клуб од нашиот град ги нема постигнато за толку кратко време, а не пак некој клуб со година и еден месец постоење.
КМ: Какви успеси ви донесе 2024 година?
-Бобан: Најголемиот успех според мене е тоа што успеавме да се собереме во толкав број, но уште поважно, да се пронајдеме луѓе на кои енергијата ни се совпадна и се здруживме како едно големо семејство, каде што секој внимава на секого и му помага. Човечкиот фактор во вакви колективни спортски дисциплини е можеби најбитното нешто, затоа што планината е опасно место, една светица која треба секогаш да се почитува и да се обожава, затоа што во одредени моменти, само групно може да се совладаат одредени пречки. Покрај ова, гордо би сакал да кажам дека имавме успешни единаесет месеци каде ги качивме скоро сите наши повисоки врвови – Кораб (2764м.), Титов Врв(2747м.), Љуботен(2499м.), Солунска Глава(2540м.), Плат(2399м.), Среден Камен(2456м.), Руен(2252м.), Царев Врв(2081м.), Кале(2112м.), Остри Врв(2263м.), Убава(2346м.), Караџица(2472м.), Мирска Вода(2179м.), ја посетивме Лешница, Корабски Водопад, Кривошиска Долина, Шутман Поле и Шутманско езерото, видовме доста природни убавини кај нас и надвор од Македонија. Исто така, го качивме највисокиот врв на Балканот, врвот Мусала (2925м.), ги посетивме Рилските езера и искачивме дополнителни три врва на тој дел на Рила во истиот ден. Но, она што ме прави посебно горд е тоа што имавме клубски тури на врвови кои се многу ретко искачувани, дури и непознати за поголемиот дел од планинарите, а сепак се преубави, како што се врвовите Кале (2112м.) на Јакупица, Шупља Стена (2431м.) на Кораб, врвот Караџица (2472м.) на планината Караџица, Ќурков Дол (2141м.) на Бистра планина, Шутман Поле и Шутманско езеро. Имавме и клубски обуки, обука за прва помош и тури кои ги реализиравме со неколку клубови со кои соработуваме и се дружиме.
-Драгана: Со самото формирање на „Поларис“, индиректно го издигнавме планинарењето во Куманово на еден повисок степен, затоа што не застанавме од самиот почеток до денес со нашите тури. Кај нас во клубот, две третини од членовите се нови членови чии почетоци на планинарењето им се директно поврзано со „Поларис“, а веќе можеме да кажеме дека имаат завидна листа на искачени врвови зад себе и завидно искуство за само една година. Тоа е еден од најголемите успеси што ги направи „Поларис“ за планинарењето за нашиот град.
КМ:Има ли интерес за турите кои ги организирате?
-Бобан: Интерес има, меѓутоа, не секој може да дојде на тура која не е лесна и која е на висок врв. Турите претежно ни се интерни, затоа што мислам дека градењето на скелет, на главната потпора на клубот треба да се изгради првин интерно, од луѓето кои се со тебе цело време и кои се најредовни, па потоа да се прават јавни тури. Затоа обично луѓето кои не биле со нас, а имаат интерес, ги покануваме на тура која е лесна, за да можат да видат до кај им се нивните психо-физички способности и како ќе се снајдат на една тура на планина.
-Драгана: Имаме и неколку јавни тури во годината каде секој може да дојде, обично кога ги правиме со другите клубови или пак нашата роденденска тура во првиот викенд во октомври на Јелачки Црн Врв на Шар Планина. Меѓутоа, секој што сака да дојде, може слободно да не контактира и кога ќе имаме полесна тура, кога ќе ни се поклопат условите, ќе го поканиме. Луѓето што не ги знаеме обично не ги водиме на тешки тури, бидејќи не им ги знаеме психо-физичките способности и не сакаме да се доведеме во ситуација да мора да ги вратиме од пола стаза со некој од нас или пак да не ја завршат турата.
КМ: Според вашите слики на Инстаграм и Фејсбук профил, обично одите на високи планини. Дали има интерес за такви тури?
–Бобан: Да, со сигурност можам да кажам дека турите на високите планини и врвови ни е две третини од сите тури за оваа година. Почнаа првин на иницијативата на сестра ми и мене, меѓутоа како поминуваше времето, самите членови на клубот влегоа во форма, со текот на време сите влегоа во одлична психо-физичка кондиција и кога ќе предложиме таква тура, веднаш има интерес. Секако, да не ги заборавиме и лесните тури и за другите членови од клубот кои ги правиме одвреме-навреме.
-Драгана: Кога го правевме календарот за 2025 година на годишното собрание, имавме посебна табела за локални тури, кои обично се полесни тури и посебна табела за повисоки и потешки тури. Членовите на клубот требаше да дадат предлози каде сакаат да одат, дали на потешки или на полесни. На крајот од состанокот, полето со локални тури беше празно.
КМ: Која ви е омилена дестинација и каде најчесто одите?
-Бобан: Според листата на реализирани тури за 2024 година, најпосетувана дестинација ни е Шар Планина. Лично на мене отсекогаш ми била омилена планина, уште од моите планинарски почетоци пред повеќе од десетина години и некако стана и синоним за мене. Некако успеав и индиректно да го пренесам првин на сестра ми пред неколку години, на доста луѓе со кои се дружам низ годините а годинава и на членовите од клубот. Само оваа година, заклучно со третиот викенд во ноември, имаме вкупно 15 наши клубски тури само на Шар Планина, што ја прави да биде повеќе посетена дури и од нашите локални планини.
-Драгана: И на мене дефинитивно Шар Планина ми е омилена, меѓутоа и Кораб ми е една од омилените планини.
КМ: Како ги организирате турите? Дали имате доволно водичи и каква е кохезијата на групата кога ќе тргнете на една тура?
-Бобан: Како што споменав, турите ги организираме претежно интерно. За жал, бидејќи сме клуб со само една година клубско искуство (го тргам на страна индивидуалното искуство, кое е огромно) и немаме доволен број на водичи и мора да се потпреме на онаа заедничка енергија и другарство која ја имаме за да се вратиме сите здрави и живи дома. Јас сум единствениот лиценциран водич во клубот, меѓутоа моето знаење и искуство несебично го споделувам на секоја тура и обуки со цел што повеќе луѓе да влезат во тематиката и проблематика на водење на група на планина. Секако, огромна помош имам од сестра ми која ми е sidekick уште од првата тура, потоа и од одредени луѓе кои со самото појавување на тура, ти даваат сигурност дека се’ ќе биде во ред тој ден и дека можеш да ги вратиш луѓето дома живи, здрави и задоволни. Впрочем и од порано било така, многу време пред да го формираме „Поларис“.
-Драгана: Иако брат ми е единствениот лиценциран водич во нашиот клуб и на почеток целиот товар околу водењето и организирањето беше негов, со текот на времето дел од нашите членови полека почнаа да се вклучуваат во некои од обврските, колку што е во нивна можност со што значително се олеснува работата. Во поглед на кохезијата на групата, сите веќе добро се знаат меѓусебно, со каква психо-физичка подготвеност тргнуваат на тура, така што супер функционираме. Сакаме да изразиме огромна благодарност до членовите од клубот кои секоја тура се вклучуваат во клубските обврски и помош околу водењето и организацијата.
КМ: Од сите клубски тури за 2024 година, која ви е омилена тура?
-Бобан: На мене омилени ми се сите тури како една целина, бидејќи секоја тура ја сметам како клубски успех кога членовите од клубот ќе бидат задоволни и насмеани и ќе се вратиме живи и здрави од турата. Ако баш морам да издвојам, тоа би ми било нашето првото клубско качување на Титов Врв (2747м.) и истовремено мое 31-во искачување истиот ден, како и искачувањето на врвот Кале (2112м.) на Јакупица во март, каде буквално ги имавме сите годишни времиња на турата, и каде морав да ја сменам траекторијата на движење и да излезам надвор од стандардната планинарска патека поради длабокиот снег. Искачувањето на Кале им беше втора планинарска тура на неколку наши членови и имаа баш одлична можност да ја видат планината во сите свои преубави и сурови изданија. Над 40 планинари се качија на Кале тој ден.
-Драгана: За мене годинава како омилена клубска тура ми е искачувањето на највисокиот наш врв Голем Кораб (2764м.) на масивот Кораб, каде што бевме доста голема група и сите успешно се искачивме. Имавме прекрасно време во текот на искачувањето, но и на самиот врв уживавме во прекрасните глетки кои што ги нуди нашата земја.
КМ: Дали имате финансиска поддршка за клубот?
Бобан: За жал, од првиот ден до денес немаме никаква финансиска поддршка, што е малку чудно, бидејќи активноста на клубот што ја имаме за само една година е поголема од одредени клубови кои имаат 10 годишно искуство. Сите успеси досега што сме ги постигнале, сме ги постигнале од самофинансирање на членовите од клубот. Замислете какви се успеси би имале кога би имале и дополнителна финансиска помош.
-Драгана: Од огромно значење би ни била било каква финансиска помош со цел да можеме да се опремиме со клубска опрема, посебно сега за зимскиот период, а исто така и да бидеме во можност да пратиме некој од членовите на обуките за водичи.
КМ: Со кои клубови најчесто соработувате?
-Бобан: Уште од првиот ден откако го формиравме ПСК „Поларис“, а и први кои ни дадоа поддршка и ни беа гости на првата клубска тура беа Планинарски клуб „Јелак“ од Тетово и Планинарски клуб „Кораци“ од Куманово. Со нив се знаеме многу години, имавме многу тури уште пред да постои идејата за „Поларис“ и ги сметаме не само за другари планинари од планинарските тури, туку и за вистински другари надвор од тоа.
-Драгана: Исто така, со планинарите од „Петрикор“ се дружиме многу години и таа дружба ја пренесовме на клубско ниво и неколку тури ни беа во заедничка организација со нив. Секако, отворени сме за соработка со било кој клуб од Македонија, се додека ја делиме љубовта кон планината и природата и додека се почитуваат правилата за безбедно водење на група планинари на планина. Да го цитирам брат ми – „Планината секогаш го има последниот збор.“
КМ: Иако имаме уште еден месец во 2024 година и сигурно ќе имате уште неколку планинарски тури до крајот на годината, какви се плановите за 2025 година?
-Бобан: Да, имаме одредени планови за 2025 година – планинараме да искачиме некој врв надвор од Македонија, во Словенија или во Црна Гора, меѓутоа за тоа требаат одредени финансиски средства за кои се надевамe дека ќе ги обезбедиме на време. Сакам да ја реализираме идејата за клубско искачување на Триглав наредната година, меѓутоа, се’ во свое време. А до тогаш, останува да уживаме во убавините што нашата убава Македонија ги има, бидејќи сме земја со преубави планини и преубава природа.
-Драгана: Најважно од се’ ни е да го одржиме континуитетот и активноста што ја имавме досега. На планината и се доближуваме со огромна доза на стравопочит и би сакале да го пренесеме тоа и на наредните генерации, бидејќи за да искачиш некои врв, треба планината да ти дозволи.