Првото бебе во Куманово за 2026 година е машко, родено на 2ви јануари околу 05:40 часот на Гинеколошко-акушерското одделение во Општата болница.
Станува збор за втора рожба на мајката Егзона Реџепи, која има 31 година и сега на свет донесе здраво машко дете тешко 3,3 килограми.
Родилката денеска ја посети градоначалникот Максим Димитриевски кој во име на граѓаните на Општина Куманово ја даруваше со златник и посака среќна и бериќетна 2026 година.
– Посакувам здравје, среќа, првин на новороденчето, потоа на родилката и целото нејзино семејство. Очекуваме оваа година да ни биде бериќетна и плодна, исполнета со детски џагор, позитивна мисла и насмевка, рече Димитриевски кој се заблагодари на целиот медицински персонал кој на свет го донесе првото бебе во градот.

Подарок на родилката ѝ врачи и директорот на болницата Сашо Стошевски кој истакна дека одделението е подготвено да пречека што поголем број родилки.
– Капацитетот на болницата е солиден, има простор. Во моментов имаме проблем со анестезија, не само Куманово, цела Македонија, но тој проблем го решаваме сега за сега, изјави директорот.
Бебето и родилката се во добра состојба изјави д-р Наиле Османи од Гинеколошко-акушерското одделение, која истакна дека бројката на раѓањата е во пад.
– На 31ви имавме две раѓања и ова ни е прво, чекаме уште две, но тоа не се знае никогаш. Се намалува бројот на новороденчиња во цела Македонија, да не речам цел Балкан, немам статистички податоци да не зборам на памет, но се намалува и тоа е некој тренд, рече д-р Османи.

Бебето моментално добива посебна медицинска грижа поради мали компликации со дишењето, кои засега се надминуваат.
– Самото новороденче е родено со спонтано породување, но кај одреден број новороденчиња постои одредена потреба од специјална новороденичка грижа, така да и кај ова новородено од страна на педијатрискиот тим е повлечено во посебниот дел за да понатаму се згрижи. Родено е со умерен респираторен дистрес, односно проблем со дишење, па со поставување на одредена терапија самата тешкотија со дишењето е надмината, појасни д-р Александра Христова, неонатолог при Општа болница Куманово.
Инаку, во текот на изминатата година во Куманово биле родени 376 бебиња, додека во 2024 година таа бројка изнесувала 688 новороденчиња.
Никола Ивановски

