Првиот хуманитарен конвој на ОН по земјотресот пристигна во северозападна Сирија, област контролирана од бунтовниците и Турција, објавија ОН.
Како што јави Радио Слободна Европа, на преминот Баб ал Хава пристигнала помош од Турција, која заедно со Сирија претрпе разорен земјотрес на 6 февруари.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) соопшти дека шест камиони испратиле душеци, ќебиња, шатори, опрема за прва помош и соларни светилки за околу 5.000 луѓе.
Хуманитарна помош за бунтовничките области во Сирија се испраќа од Турција преку Баб ал Хава, а турските власти најавија дека работат на отворање на уште два гранични премини.
Во областа контролирана од сириската влада, авиони со хуманитарна помош слетуваат во Дамаск, Алепо и Латакија. Помошта почна да пристигнува и од Обединетите Арапски Емирати, Русија и Иран.
Сирија е под санкции од западните земји, па од нив не доаѓа помош за областите под контрола на владата во Дамаск.
Повеќе од 21.000 луѓе загинаа во разорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија, објавија официјални лица од двете земји.