Прв омикрон случај во Словенија

Сподели со своите пријатели

Во Словенија е потврден првиот случај на инфекција со омикрон сојот на корнавирус, а трендот на смирување на епидемијата е забавен минатата недела.

Loading...

Секвенционирањето го откри првото лице заразено со омикрон, варијанта на вирусот што се шири побрзо и е веќе присутен во многу земји од ЕУ, потврди во вторникот премиерот Јанез Јанша за време на говорот во парламентот пред редовната седница, без да даде детали, зборувајќи за делувањето на неговата влада во времето на епидемијата на Ковид-19 и тешкотиите со кои се соочи за време на нејзиниот мандат.

Во Словенија продолжува трендот на ублажување на епидемиолошката состојба во четвртиот бран на епидемијата, но министерот за здравство Јанез Поклукар предупредува дека минатонеделните резултати покажуваат дека трендот донекаде е забавен и затоа не треба да се очекуваат антиепидемиски мерки на краток рок.

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 1.712 новозаразени лица, секој трет тест бил позитивен, а 11 лица починале, соопшти Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ).

Според таа институција, во Словенија моментално има 21.362 активни инфекции. Седумдневниот просек на инфекции во еден ден бил 1.352, додека 14-дневната инциденца на инфекција на 100.000 население се намалила на 1.013.

Епидемиолошките податоци се во благ надолен тренд, но во болниците се уште има 817 пациенти, па се проценува дека здравствениот систем се уште е преоптоварен со епидемијата.

На одделенијата за интензивна нега има 235 пациенти, значително помалку од пикот на четвртиот бран кога ги имаше 291. Но, за поголемо олабавување на мерките според утврдената скала на мерки за релаксација, тој број треба да се намали на помалку од сто, предупредуваат епидемиолозите.