Американските федерални власти покренаа истрага против американскиот милијардер Илон Маск поради неговото однесување за време на преземањето на Твитер, се вели во судската пријава.
Иако е наведено дека е под истрага, не е прецизирано кој точно е фокусот на истрагата и кои федерални власти ја водат.
Маск побара од судијата минатата недела да ја одложи неговата тужба со Твитер до 28 октомври, што судијата во Делавер го одобри, објави Ројтерс.
Спорот меѓу Твитер и Маск произлегува од очекуваното финансирање на договорот од 44 милијарди долари за купување на Твитер во април.
Маск и компанијата „Твитер“ во наредните денови би можеле да постигнат договор за прекин на парницата, што ќе му овозможи на најбогатиот човек на светот да ја купи компанијата за 44 милијарди долари.
Маск, кој е и директор на компанијата „Тесла“, му предложил на „Твитер“ доколку таа компанија го прекине спорот со него, тој да се согласи со условите од договорот постигнат во април – да ја купи компанијата за 54,20 долари по акција.
Во обид да се прекине судскиот спор, двете страни се согласија сведочењето на Маск на прелиминарното рочиште во Делавер, кое беше закажано за денеска, да биде одложено, но дека преговорите за прекинување на парницата ќе продолжат.
Судењето претходно беше закажано за 17 октомври.
По објавата во вторникот дека Маск ќе продолжи со преземањето на „Твитер“, тргувањето со акциите на оваа социјална мрежа беше прекинато.
Маск се повлече од договорот неколку недели подоцна, наведувајќи ја загриженоста дека бројот на ботови на платформата е поголем отколку што тврдеше Твитер.
„Твитер“ ги отфрли обвинувањата и го тужеше Маск за да го принуди да ја спроведе зделката, по што дојде до нагло опаѓање на вредноста на акциите на компанијата на Маск „Тесла“.