Во Сантијаго, вториот по големина кубански град, се одржа протест на кој учесниците предупредија за недостиг на храна и струја, јавува Анадолија.
Во некои области луѓето се без струја по 18 часа на ден. Патем, јавните протести се многу ретки во Сантијаго.
Според пишувањата на социјалните мрежи, овој пат во тој град на истокот од земјата се собрале голем број луѓе кои предупредуваат дека долготрајните прекини на струја ја загрозуваат замрзнатата храна и ги зголемуваат тензиите на островот.
Куба западна во тешка економска криза по пандемијата Ковид-19. Во земјава има голем недостиг на храна, гориво и лекови.
Сето ова доведе до масовна емиграција, а само во САД емигрираа 400.000 луѓе.
Претседателот го потврди одржувањето на протестот
Претседателот на земјата, Мигел Дијаз-Канел, на социјалните мрежи потврди дека во Сантијаго се одржува протест.
„Неколку лица изразија незадоволство од состојбата во делот на снабдувањето со електрична енергија и дистрибуцијата на храна. Партиските и државните власти ќе ги слушаат поплаките на нашиот народ, ќе се обидат да воспостават дијалог и да им ги објаснат нашите напори за подобрување на состојбата, но само во мирна атмосфера“, рече Дијаз-Канел.
Во исто време, тој додаде дека „терористите“ од САД се обидуваат да ги направат протестите уште понасилни.
По протестот во Сантијаго ситуацијата била смирена од полицијата, но не се знае дали некој од учесниците е уапсен.
Другите градови, вклучително и главниот град Хавана, беа мирни во неделата.
Амбасадата на САД ја следи ситуацијата
Американската амбасада во Хавана соопшти дека ја следи ситуацијата во Сантијаго и на други места.
Истовремено, тие ја повикаа кубанската влада да ги почитува човековите права на демонстрантите и да се осврне на „легитимните права“ на Кубанците.
Како одговор, кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез изјави дека акутната економска ситуација во Куба е предизвикана од долгогодишните американски санкции и ембарго.
Протестите во Куба во минатото беа многу ретки, но во последно време тие избувнаа неколку пати поради тешките услови за живот.
Уставот од 2019 година им дава право на граѓаните да протестираат, но сè уште не е донесен закон кој попрецизно би го дефинирал тоа право, па многумина кои излегуваат на улица се плашат за својата судбина.