Неколку стотици граѓани протестираа пред Министерството за одбрана во Тел Авив, откако израелската армија призна дека по грешка убила тројца заложници во Појасот Газа, кои ги држела палестинската милитантна група Хамас.
Толпата носеше транспаренти и фотографии од околу 130 заложници, за кои Израел верува дека се уште се заложници на Хамас во Појасот Газа, пишува Гардијан.
Демонстрантите ја повикаа владата на Бенјамин Нетанјаху да обезбеди ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас.
Нетанјаху ја опиша смртта на тројцата заложници како „неподнослива трагедија“ и додаде дека „целиот Израел жали за загубата“, пренесува Танјуг.
Израелската армија во петокот објави дека нејзините војници по грешка убиле тројца заложници кои ги држел Хамас за време на борбите во северниот дел на Појасот Газа.
Портпаролот на армијата Даниел Хагари изјави дека израелските војници во Шејаја, предградие на Газа, по грешка идентификувале тројца израелски заложници како закана, отвориле оган врз нив и ги убиле.
Хагари рече дека армијата сноси одговорност за „трагичниот инцидент“.